Скопје – 29 март 2020 година

ДЕН НА АР - ПОРАКА ОД ДИРЕКТОРОТ НА АР


Почитувани,

Одбележувањето на Денот на АР е повод сите вработени да се чувствуваат горди на институцијата во која работат. Оваа година прославуваме 25 години од донесувањето на Законот за АР и 22 години од првото вработување и основањето на Службата.

Агенцијата ја градевме чекор по чекор од самото формирање до денес. Ја градевме чесно, со ентузијазам и посветено. Поминавме многу тешки моменти и пребродивме многу кризи.

Оваа година, имаме посебна причина за која треба да бидеме горди како институција. АР даде свој придонес во зачленувањето на државата во НАТО и добивањето датум за отпочнување преговори со ЕУ. Ова се темелите за градењето на нашата посветла иднина.

Изминатата година, напорно работевме на нов закон за АР, кој за жал не беше донесен поради политички опструкции. Но, ние не се обесхрабруваме со ваквиот чин, напротив ќе продолжиме упорно да работиме за доброто на сите вработени во оваа институција.

Актуелната ситуација во која се најде светот со пандемијата од вирусот COVID -19 е загрижувачка но мораме да покажеме трезвеност и зрелост за да ја надминеме ваквата тешка состојба. Мерките и препораките кои се применуваат во АР се за доброто на сите вработени, за наша лична заштита и заштитата на нашите најблиски.


Драги колешки и колеги,

Чест и привилегија е да се работи во служба која има есенцијално значење за националната безбедност. АР има голем потенцијал на човечки ресурси кои можат да придонесат во осовременување и градење на ефикасна и професионална служба, ослободена од секакви влијанија. Ве повикувам, заеднички да го дадеме својот максимум за исполнување на нашата визија. Само на тој начин ќе бидеме сигурни дека оставаме трајно наследство за идните генерации.


Честита да ни е годишнината!
29.03.2020

Со почит,
Еролд Муслиу